Егзодус кон Грција за Нова година – над 3.000 Македонци ја поминале „Богородица“ за 48 часа

Над 3.000 македонски државјани одлучиле новогодишната ноќ да ја поминат надвор од границите, упатувајќи се кон Грција. Ова го покажуваат официјалните податоци кои Министерството за внатрешни работи ги достави до 4news.mk.

​Во периодот пред самиот дочек, граничниот премин Богородица работел со засилен интензитет.

​Двојно повеќе излези отколку влезови

​Според статистиката за периодот од 30.12.2025 (08:00 часот) до 01.01.2026 (08:00 часот):

  • ИЗЛЕЗ: Државата ја напуштиле 3.028 македонски државјани.
  • ВЛЕЗ: Во истиот период, во земјава се вратиле или влегле 1.491 македонски државјанин.

​Ова покажува дека трендот на патување кон јужниот сосед за празниците останува висок.

​Гужва и кај странците

​Освен домашните, голема раздвиженост имало и кај странските државјани (туристи во транзит или гости од соседството).

Во истиот период од 48 часа:

  • ​Влез во Македонија оствариле 4.192 странци.
  • ​Излез од Македонија кон Грција оствариле дури 7.257 странски државјани.

​МВР: Сите капацитети се во функција

​Од Министерството за внатрешни работи за 4news.mk велат дека се подготвени за празничните бранови.

​„Од страна на МВР се преземаат сите мерки и во функција се ставени сите човечки и технички капацитети за да се забрза протокот на патници, се разбира со спроведување на задолжителните гранични проверки“, велат од МВР.

​Се очекува зголемен интензитет на влез во државата во текот на денешниот и утрешниот ден, кога граѓаните ќе се враќаат од празничните патувања.