Пред утрешниот состанок на Советот на министри веќе е извесно дека Бугарија ќе каже „не“ за стартот на преговорите на Македонија со Европската унија. Портпаролката на Европската комисија Ана Писонеро изјави дека Комисијата и натаму се надева дека преговорите со Северна Македонија ќе почна што поскоро, но не сакаше да ги коментира изјавите на бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, која вчера изјави дека не можеме да станеме членка на Европската унија се додека го славиме Тито.
„Нашиот став е јасен, Европската комисија се залага првата Меѓувладина конференција да се одржи што е можно поскоро, за ова да се случи сите се свесни дека е потребен договор во Советот за преговарачката рамка. Ова се уште е случај земјите членки на Советот мора да се договорат за преговарачката рамка. Невозможно е да се предвиди дали тоа ќе се направи, но јасно е дека ги охрабруваме двете страни да ги засилат напорите за изнаоѓање решение.“, рече Писонеро.
Во врска со тоа барањата на Бугарија да станат дел од дополнителен 35 член од преговарачката рамка Писонеро не сакаше да коментира.
„Не ги коментираме индивидуалните ставови на земјите членки во контекст на преговорите. Она што е јасно е дека ни е потребен договор за текстот од сите земји членки, тоа е тоа можете да разберете дека не можеме да одиме понатаму. Комисијата го поднесе својот предлог во јули сега земјите членки треба да се согласат за текстот.“, вели Писонеро.
И на утринскиот брифинг со новинарите висок дипломат од земја членка на Европската унија порачал дека од изјавите на бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева извесно е дека не може да се очекува Софија да се откаже од блокадата на стартот на преговорите на нашава земја, но дека дипломатските напори продолжуваат, и се уште се верува дека има шанси да се усогласи преговарачката рамка, истакнал дипломатот. Според дипломатите од Брисел се очекува многу брзо нова иницијатива на германското претседателство во наредните денови за да се приближат разликите на Скопје и Софија со надеж дека ќе може да се одржи првата Меѓувладина конференција во декември. Утре на дневен ред на Советот на министрите е и преговарачката рамка со Албанија, која е во пакет со Македонија, а за сега нема забелешки за стартот на преговорите на Тирана со ЕУ.
.
