Астронаутите од мисијата „Артемис II“ безбедно се вратија на Земјата, со што заврши нивната историска десетдневна мисија околу Месечината, пренесува Би-Би-Си (BBC).
Екипажот се спушти во Тихиот Океан ноќеска во 00:07 часот по Гринич, а командантот Рид Вајзман потврди дека неговиот тим е во добра здравствена состојба.
„Ова е почеток на нова ера во истражувањето на вселената“, соопшти Американската вселенска агенција НАСА по враќањето на екипажот.
Четворицата астронаути се „среќни и здрави“, изјави претставник на НАСА на прес-конференција.
Екипажот успешно влезе во атмосферата по шестминутен прекин на комуникацијата, при што капсулата накратко го изгубила контактот со Земјата околу 24 секунди по влегувањето во атмосферата.
Модулот за екипаж се одвоил околу 20 минути пред „Орион“ да стигне до горните слоеви на Земјината атмосфера.
Капсулата се ротирала за топлинскиот штит да ја преземе најголемата топлина, создадена при влезот, со цел астронаутите да останат безбедни.
Топлинскиот штит, кој при враќањето е изложен на температури од околу 2.700 степени Целзиусови – што е речиси половина од температурата на површината на Сонцето – беше во фокусот на вниманието, откако претрпе оштетувања при првата, непилотирана мисија на „Артемис“.
Со прилагодување на аголот на повторно влегување, инженерите биле уверени дека проблемот е надминат.
Крис Џејмс од Центарот за хиперсоника при Универзитетот во Квинсленд изјави за BBC дека леталото при враќањето се движи со брзина поголема од 40.000 километри на час.
За да се забави, првиот чекор е атмосферата да се искористи како природна сопирачка.
Капсулата „Орион“ е дизајнирана да не биде аеродинамична, односно да „удри“ во атмосферата како летечка тула, а потоа да ја искористи отпорната сила на воздухот за постепено да ја намали брзината.
Според BBC, ова беше најдалечното патување на екипаж од Земјата, при што Месечината беше детално истражена, скицирана и фотографирана.
