Опозицијата извојува голема победа на локалните избори во Турција. Партијата АК на актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган ја загуби власта во поголемите градови, а доминацијата на опозицијата беше потврдена во некои, како Истанбул и Анкара. Се издвојува ситуацијата во Истанбул, родниот град на Ердоган, каде градоначалник е Екрем Имамоглу. Токму овој човек е најголемата закана за режимот на Ердоган, со оглед на неговата зголемена популарност, како и фактот дека Ердоган нема право да се кандидира на претседателските избори во 2028. Еве каде Имамоглу доаѓа во игра.
Изборен пораз на „султанот“
Резултатите се значаен удар за Ердоган, кој се надеваше дека ќе ја врати контролата врз големите градови. Најголемата кампања за победа ја водеше во Истанбул, каде што порасна и стана градоначалник.
Но, Екрем Имамоглу, кој дојде на власт во овој град во 2019 година, постигна втора победа за секуларната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП).
Ердоган вети нова ера во турскиот мегаград со речиси 16 милиони жители, но актуелниот градоначалник на Истанбул обезбеди повеќе од 50 отсто од гласовите, победувајќи ја АК партијата.
Тоа беше, исто така, првпат откако Ердоган дојде на власт пред 21 година, неговата партија да биде поразена на национално ниво на локалните избори.
Во главниот град Анкара, опозицискиот градоначалник Мансур Јавас освои 60 отсто и прогласи победа кога беа пребројани помалку од половина гласови. Неговите приврзаници ги блокираа сите главни патишта во градот, веејќи знамиња и свирејќи во своите автомобили.
Ердоган призна дека изборите не поминале како што се надевал, но им порача на приврзаниците во Анкара дека тоа нема да означи „крај, туку пресвртница“.
Сепак, за време на предизборната кампања, Ердоган рече дека ова ќе му бидат последни избори, бидејќи неговиот претседателски мандат завршува во 2028 година и тој повеќе нема право да се кандидира за претседател. Се шпекулира дека може да го промени турскиот Устав и со тоа да си дозволи повторно да се кандидира, но тоа сега е неизвесно со оглед на поразот на локалните избори.
Како потенцијален кандидат на претседателските избори во 2028 година се споменува Екрем Имамоглу, градоначалникот на Истанбул, човек кој веќе двапати успеа да го победи Ердоган.
Кој е Екрем Имамоглу, кошмарот на Ердоган
Екрем Имамоглу е турски бизнисмен, инвеститор во недвижности и социјалдемократски политичар кој работи како 32. градоначалник на Истанбул. Тој за прв пат беше избран на функцијата во март 2019 година, но беше само од 17 април 2019 година до 6 мај 2019 година, кога изборите беа поништени. Тој потоа беше реизбран на повторените избори на 23 јуни 2019 година со уште поголема разлика од 800.000 гласови. Тој повторно се кандидираше за функцијата на изборите за градоначалник на Истанбул во 2024 година. Тој победи со 50 отсто мнозинство, обезбедувајќи нов мандат.
Набргу по победата на локалните избори во 2019 година, започна ловот на Имамоглу. Така, на судењето во јануари 2022 година, тој беше осуден на две години затвор за „навреда на изборни службеници“. Дополнително, судијата му забрани да извршува политичка функција на 14 декември 2022 година, што го спречи да се кандидира на претседателските избори минатата година. Сепак, политичката забрана се уште не е стапена во сила, бидејќи прво треба да ја потврдат Апелацискиот и Касациониот суд.
Неговата популарност рапидно расте, особено затоа што гласачите го гледаат како помлада и помодерна алтернатива на Ердоган.
Имамоглу се смета за потенцијален кандидат на ЦХП за претседател на изборите закажани за 2028 година. Се уште е неизвесно каква одлука ќе донесе актуелниот турски претседател, но Имамоглу е човекот кој може да го испрати во политичка пензија.