Експлозија на бензинска пумпа предизвика огромен пожар во централниот дел на Јемен, при што загинаа најмалку 15 лица, соопштија денеска здравствените власти.
Експлозијата се случи во саботата во областа Захер во провинцијата Бајда, соопшти Министерството за здравство на бунтовниците Хути.
Најмалку 67 лица се повредени, од кои 40 се во критична состојба.
Министерството соопшти дека спасувачките екипи трагаат по оние кои се пријавени за исчезнати.
Не е јасно што ја предизвикало експлозијата, а на видеото објавено на интернет се гледа само голем пожар.
Бајда е под контрола на бунтовниците Хути, поддржани од Иран, кои се во војна со меѓународно признатата влада на Јемен.