Седум шведски војници вчера биле пренесени во болница по инцидент на воен полигон во југозападниот дел на Шведска, соопштија властите.
Пет војници биле на интензивна нега со тешки повреди, кои сепак не се опасни по живот, објави шведската телевизија СВТ. Од шведските вооружени сили соопштија дека војниците се лекуваат, меѓу другото, и од повреди предизвикани од шрапнели. Останатите двајца војници се здобиле со полесни повреди.
Сите седум војници биле мажи на возраст од 20 до 30 години. Станува збор за професионални војници, а не за регрути.
Експлозија на воен полигон
Шведските медиуми објавија дека до експлозијата дошло на воениот полигон Кракс, во близина на градот Карлсборг, додека припадници на армијата отстранувале стара, неексплодирана муниција. Шведските вооружени сили не ги потврдиле овие наводи.
Полицијата соопшти дека случајот го истражува како несреќа при работа и дека на местото на настанот соработува со екипите за спасување, медицинските тимови и припадниците на армијата.