Свет

Експлозијата во Париз најверојатно била предизвикана од истекување на гас

Експлозијата во Париз најверојатно била предизвикана од истекување на гас

Две лица се водат како исчезнати, а најмалку 30 лица, од кои четворица потешко, се повредени попладнево во експлозија на улицата Сен Жак во прометниот кварт Латински во центарот на Париз, соопшти полицијата, наведувајќи дека, очигледно, експлозија предизвикана од истекување на гас.

По експлозијата се урнала фасадата на зградата во која се наоѓа дизајнерското училиште на Американската академија во Париз, а пожарот зафатил и неколку околни згради.

Ројтерс јавува дека спасувачите трагаат по две лица за кои се стравува дека се затрупани под урнатините.

Очевидци опишаа заглушувачка експлозија, проследена со џиновска огнена топка која се издигна над покривите на зградите на улицата Сен Жак, недалеку од катедралата Нотр Дам и паркот Луксембург.

Припадниците на француската армија помогнаа да се воспостави безбедносен обрач околу местото на несреќата, а повеќе од 200 пожарникари учествуваат во спасувачката операција.

Обвинителството во Париз соопшти дека се уште не се знае со сигурност што ја предизвикало експлозијата, но првиот заменик-градоначалник на 5-тиот арондисман на Париз, Едуар Сивел на Твитер објави дека најверојатно се работи за експлозија на гас.

Очевидци потврдија и за француската телевизија BFM TV дека неколку моменти пред експлозијата се почувствувал силен мирис на гас.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни