Енергетска заедница, Заев: Мисијата на оваа заедница е од клучна важност за сите земји

Во 16-тиот состанок на Советот на министри на Енергетската заедница, Претседателот на Владата, Зоран Заев истакна дека мисијата на оваа заедница да воспоставува стабилна регулаторна и пазарна рамка, способна да привлече инвестиции во производство на електрична енергија и мрежи, е од клучна важност за сите земји членки на заедницата кои се стремат да бидат дел од семејството на Европската Унија.

Заменик-претседателот на Владата, Кочо Анѓушев, од своја страна истакна дека соработката во регионот е важна за енергетиката бидејќи таа не може да ги следи границите на државите коишто се територијални. Енергетиката, како што рече тој, е област која што само административно познава граници.

Се вчитува...

„Работата на Енергетската заедница секогаш треба да се гледа од аспект на интересот на граѓаните и токму затоа создавање интегриран енергетски пазар кој овозможува прекугранична трговија со енергија и интеграција со пазарот на ЕУ е од суштинско значење за нив. Тоа значи безбедно снабдување за да се обезбеди стабилен и континуиран пристап на енергијата до граѓаните и до компаниите, што е од суштинско значење за економскиот развој и социјалната стабилност„, изјави Зоран Заев, премиер на РМ.

„Нашиот регион е премногу мал за сите ние да правиме поединечни берзи и аукции, така што правецот во којшто се движат работите во делот на енергетиката да има регионален пристап е вистинското решение. Лично се надевам дека брзо ќе дојде денот кога ќе се формира една регионална берза на електрична енергија и една куќа за аукции на крос-бордер капацитети во делот на енергетиката, бидејќи тоа е правото решение за проблеми коишто во моментов ги имаме“, рече меѓу другото вицепремиерот Анѓушев.

Извор: ТВ21