Во Бангладеш годинава најмалку 86 деца починале од мали сипаници, а постои сомнеж дека болеста предизвикала смрт и кај уште 426 деца, соопштија денеска здравствените власти. Земјата се соочува со една од најтешките епидемии на мали сипаници во последните неколку децении, пренесува Ројтерс.
Болниците под голем притисок
Бројот на заразени нагло се зголемил во изминатите месеци, што довело до преоптоварување на болниците и дополнителен притисок врз и онака кревкиот здравствен систем. Состојбата е особено тешка во руралните средини, како и во сиромашните и густо населени градски населби.
Според податоците на Главната управа за здравствени услуги, од 15 март до 23 мај низ целата земја се регистрирани 62.507 сомнителни случаи на мали сипаници, додека лабораториски се потврдени 8.494 инфекции.
Пад на вакцинацијата
Здравствените власти предупредуваат дека најзагрозени се децата помлади од пет години, особено оние кои не се вакцинирани или примиле само една доза од вакцината.
Светската здравствена организација уште минатиот месец предупреди дека падот на редовната вакцинација го зголемил ризикот од појава на епидемија од големи размери.
Итни мерки на властите
По предупредувањата, владата започна итни кампањи за вакцинација против мали сипаници и рубеола, насочени кон најмалите деца.
Властите соопштија дека на терен се испратени тимови за брз одговор, засилен е епидемиолошкиот надзор, а зголемена е и дистрибуцијата на витамин А со цел намалување на компликациите од болеста.
Малите сипаници се меѓу најзаразните болести во светот, но речиси целосно можат да се спречат со вакцина која се прима во две дози.