„Епл” нема да ги врати вработените во канцеларија

Одложено враќањето на вработените во канцелариите на Епл поради зголемување на бројот на заразени со Делта сојот на коронавирусот.

Компанијата планираше вработените да доаѓаат на работа најмалку трипати неделно почнувајќи од септември, но сега тој рок е продолжен за најмалку еден месец.

Значителен број на вработени и се спротиставија на враќањето на работа, тие потпишале писмо до извршниот директор Тим Кук и остатокот од управата на компанијата, во кое се наведува дека треба да прифатат пофлексибилна политика за работа од дома.

Менаџментот вели дека „личната соработка е од суштинско значење за нашата култура и нашата иднина”.

„Епл беше суштински против концептот на работа-од-дома пред пандемијата, така што дозволувањето на вработените да работат два дена во неделата од дома се смета за голема промена“, додаваат од менаџментот.

Другите големи технолошки компании од Силиконската долина, како што е Фејсбук, најавија дека половина од своите вработени ќе ги пренасочат кон постојана работа од дома.

Гугл пак соопшти дека очекува 20 проценти од вработените да работат од дома кога канцелариите ќе се отворат повторно.

„Епл” е една од првите компании што реагираа на новиот бран на ширење  на Ковид-19 и ги сменија плановите за враќање во канцелариите.