Изборите во четири општини на северот на Косово треба да се организираат што е можно поскоро и со целосно учество на косовските Срби, како дел од итните напори за смирување на тензиите меѓу двете страни, порачаа денеска од Европската комисија.
-Институциите на ЕУ, европските 27 земји членки и другите партнери, пред се САД, имаат чувство на итност да се завршат неопходните чекори за смирување на тензиите и враќање на дијалогот. И тоа не поради изборите за ЕУ следната година, туку за граѓаните на Косово и Србија да имаат корист од тоа, па двете страни да продолжат да работат на нормализација на односите и да напредуваат кон европската агенда. Затоа што ако нема напредок во дијалогот, нема напредок ниту во интеграцијата во ЕУ, изјави Петер Стано портпарол на ЕК.