Европската Унија прави конкретен чекор кон намалување на гужвите на границите. Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, вчера (17 декември 2025) присуствуваше на потпишувањето на три клучни билатерални договори кои треба драстично да го олеснат движењето на стоки меѓу регионот и Унијата.
Со новите меморандуми се зајакнува царинската соработка на Северна Македонија, Албанија и Молдавија со земјите-членки на ЕУ – Грција, Бугарија и Италија. Главната цел е намалување на времето на чекање на граничните премини.
Овие договори се дел од Планот за раст на ЕУ и иницијативата „Зелени ленти“, предводена од Транспортната заедница и ЦЕФТА.
„Воспоставувањето на Зелените ленти на границите со ЕУ го приближува регионот до ЕУ. Ваквиот вид гранични премини се чекор напред кон уште подобро управување со границите и доведуваат до намалување на времето на чекање за патниците и товарот“, се наведува во соопштението.
54 милиони евра за модернизација
Паралелно со правната рамка, Брисел обезбедува и финансиска инјекција. ЕУ става на располагање 54 милиони евра за инвестиции во 11 приоритетни гранични премини. Ова се смета за конкретен чекор кон постепена интеграција на партнерите од Западен Балкан во Единствениот пазар на ЕУ.
Сепак, се напоменува дека одредбите за целосна автоматска размена на царински податоци ќе стапат на сила откако ќе се воспостави потребната правна рамка со Царинската реформа на ЕУ.
Историјат на „Зелените ленти“
- 2021: Воведен моделот „едно застанување“ (one-stop-shop) на преминот Табановце-Прешево, што го забрза протокот во двата правци.
- 2022: Почна да функционира првата „Зелена лента“ кон ЕУ, на границата меѓу Северна Македонија и Грција, каде размената на информации пред пристигнување овозможи побрзи проверки и целна проценка на ризикот.
