Само 50 од вкупно 453 договори од ИПАРД се привремено запрени, сè додека не се потврди дали се поврзани со евентуално кривично дело, како што се наведува во медиумите. Апелираме сите институции да ги спроведат потребните контроли за целосно расчистување на случајот. Не сакам да навлегувам во детали од истрагите – тоа ќе го направат надлежните органи – изјави денес од собраниската говорница заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа.
Одговарајќи на пратеничкото прашање на пратеникот од СДСМ и поранешен министер за земјоделство, Љупчо Николовски, Хоџа нагласи дека Европската Унија ја поздравила брзата и професионална реакција на државните институции во врска со случајот ИПАРД 3.
Николовски првично побара оставка од актуелниот министер за земјоделство, Цветан Трипуновски. Бидејќи тој не беше присутен на седницата, Николовски праша зошто на Платежната агенција ѝ биле потребни 18 месеци да ја спроведе повикот од ИПАРД 3 со 107 апликации, кога сличен повик од ИПАРД 2 бил реализиран за само четири месеци.
Хоџа возврати: „Вие бевте министер во влада препознатлива по секојдневни скандали. За разлика од тоа време, денес институциите реагираат навреме. Во редовен контакт сме со нашите партнери од ЕУ, и тие ја поздравија брзата реакција на институциите. Владата веќе назначи нов директор на Агенцијата – Даниела Иротова, докажан професионалец, поранешен државен секретар и претседавач со Надзорниот комитет на ИПАРД 3.“
Хоџа додаде дека по седницата ќе му достави на Николовски писмени одговори на сите поставени прашања.
„Само за потсетување: МЗШВ има иницирано неколку постапки во Обвинителството за периодот кога вие ја водевте институцијата,“ истакна тој, посочувајќи дел од резултатите во последните 15 месеци – меѓу кои и целосната исплата на заостанатите субвенции оставени од претходната влада.
Во продолжение, Хоџа го обвини Николовски дека како министер ја заобиколувал Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството, формирајќи тричлени комисии спротивно на законските процедури, со единствена цел да додели грантови од по 10.000 евра за семејните винарии.