Танушевци е во проблем со снабдувањето на електрична енергија. Екипи на ЕВН еднаш веќе го отстранија дефектот, но повторно се појави поради ниските температури. Од ЕВН за ТВ21 велат дека бараат помош од МВР, односно чекаат информации за условите на теренот, за веднаш да бидат пуштени екипи кои ќе го санираат дефектот.
„Поради отежнати зимски временски услови жителите од село Танушевци се соочуваат со прекин на снабдување со електрична енергија. Екипи на Електродистрибуција постојано се на терен за утврдување на дефектот и обезбедување на стабилно и нормално снабдување со електрична енергија. Користејќи електрични санки го посетија теренот пред неколку дена и екипите на Електродистрибуција успешно го отстранија дефектот. За жал, снегот и ниските температури повторно предизвикаа штета а овој пат не е возможен целосен пристап на терен. Електродистрибуција е во постојан контакт со МВР со цел да добие информации за пристап до село Танушевци и веднаш се пуштаат екипи кои ќе го санираат дефектот“, велат од ЕВН.
