Незадоволството од владата на Еди Рама продолжува да се шири низ Албанија, каде што денеска повторно се одржуваат протести во неколку градови. Демонстрантите бараат оставка од премиерот и владата, а во собирите сè поголемо учество земаат средношколци и студенти.
Во Тирана демонстрациите се одржуваат седми ден по ред, додека собири се организираат и во Леже, Валона, Елбасан и Скадар, пренесува албански „Јуроњуз“.
Во Скадар се собраа помал број студенти, кои повикуваат на бојкот на наставата и организираа протестен марш. За време на движењето низ градот, тие извикуваа пароли против владата и опозицијата, меѓу кои и „Рама, поднесете оставка“.
Во Елбасан демонстрациите продолжуваат четврти ден по ред. Значителен број млади се собраа пред училишните објекти, додека во Леже група средношколци ја бојкотираа наставата и тргнаа во протестен марш.
Во Валона, студентскиот протест е најавен за 11 часот, а во близина на ректоратот, каде што се очекува да се соберат учесниците, се распоредени полициски сили.
Протестите следуваат по насилните судири што се случија во неделата во Тирана. На плоштадот „Скендербег“ и долж булеварот „Маченици на нацијата“ дојде до тензии меѓу демонстрантите и полицијата, при што беа употребени солзавец и други средства за растерување на толпата.
Според извештаите, демонстрантите фрлале камења, стапови, молотови коктели и пиротехнички средства кон полицајците, додека безбедносните сили употребиле солзавец за да ја растераат толпата и да спречат понатамошна ескалација.
Движењето првично започна со студентски барања поврзани со состојбите во образованието, високите трошоци за студирање и ограничените можности за вработување на младите. Со текот на деновите, протестите прераснаа во пошироко антивладино движење, со главно барање за оставка на премиерот Еди Рама и неговата влада.