Европската климатска служба Коперник објави дека јануари 2025 година бил најтопол досега, пишува „Би-Би-Си“. Претходниот месец го собори рекордот од претходната година за речиси 0,1 степен.
Според нивното истражување, главната причина за глобалното затоплување се емисиите на стакленички гасови предизвикани од човековите активности, пред сè согорувањето на фосилните горива. Сепак, научниците велат дека немаат целосно објаснување зошто овој јануари бил најтопол досега.
„Основната причина што рушиме рекорди и зошто го имаме овој повеќедецениски тренд на затоплување е тоа што го зголемуваме количеството на стакленички гасови во атмосферата. Сепак, конкретното објаснување зошто 2023, 2024 и почетокот на 2025 година беа толку топли вклучува и други фактори. Се обидуваме точно да утврдиме кои се тие“, изјави за Би-Би-Си Гевин Шмит, директор на Институтот за вселенски студии на НАСА.
Јануари 2025 година беше 1,75 степени потопол од просечните јануарски температури од крајот на 19 век. На почетокот на 2024 година, глобалните температури се зголемија поради временските услови поврзани со феноменот „Ел Нињо“, кога невообичаено топлите површински води се проширија низ источниот тропски Пацифик, ослободувајќи дополнителна топлина во атмосферата.