Европската комисија објави нови правила за пристапот на децата до социјалните мрежи, кои предвидуваат целосна забрана за користење од страна на деца помлади од 13 години, како и сериозни ограничувања до наполнување 18 години. Мерките се дел од новиот Закон на ЕУ за децата (EU Kids Act).
„Свикав посебна група експерти. Разговаравме со млади луѓе, ги разгледавме искуствата на Австралија и на други земји кои веќе презедоа чекори. Ги сослушавме земјите членки и сега е време Европската Унија да дејствува. Затоа Законот на ЕУ за децата (EU Kids Act), кој денеска беше одобрен од Колегиумот, ќе постави јасни граници во дигиталниот свет, исто како што тоа секојдневно го правиме во реалниот свет“, изјави на прес-конференција во Стразбур претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Според неа, Брисел применува постепен и диференциран пристап.
„Секоја возраст има своја чувствителност и затоа секоја возраст ќе има свое, посебно приспособено ниво на заштита. Накратко: децата помлади од 13 години нема да имаат право да користат социјални мрежи, додека оние помлади од 15 години нема да можат да создаваат сопствени профили. Тоа значи дека од 13 до 15 години децата ќе имаат само мини-профили, креирани и контролирани од родителите или старателите, со ограничени функции и временско ограничување од најмногу еден час дневно. Безбедниот дизајн, пак, ќе биде задолжително барање за платформите на кои членуваат деца на возраст од 15 до 18 години“, објасни Фон дер Лајен.
Таа нагласи дека утврдувањето на старосната граница не значи дека технолошките компании се ослободени од одговорноста за содржината на платформите.
„Тие неодговорно си играа со менталното здравје на нашите деца. Сега треба да ни докажат дека се безбедни. Затоа, за секое лице помладо од 18 години, платформите мора да го следат принципот на ‘безбедност по дизајн’“, истакна Фон дер Лајен.
Возрастa на младите ќе се проверува со помош на алатки сертифицирани од ЕУ, како што е апликација за проверка на возраста.
„Оваа апликација е изградена врз принципот на ‘доказ со нулто знаење’. Тоа значи дека платформата бара само една информација – да дознае дали сте доволно возрасни за да добиете пристап или не“, објасни претседателката на Европската комисија.
Според неа, со години платформите ја негирале штетата што ја предизвикуваат.
„Тие се обидуваа да ги избегнат строгите правила и ги одредуваа правилата според сопственото темпо. Ние го менуваме тоа преку EU Kids Act. Наместо властите да ја докажуваат штетата откако ќе се случи, најголемите платформи однапред ќе треба да достават детални планови за безбедност на децата. Родителите повторно ќе можат да имаат контрола, а товарот на докажување на безбедноста ќе биде на платформите, како што и треба да биде“, рече Фон дер Лајен.
Таа додаде дека EU Kids Act поставува јасна рамка поддржана од јавноста и законите.
„Важно е да ги едуцираме родителите, наставниците и децата за ризиците и придобивките од дигиталниот свет. Дигиталната писменост е од огромно значење за нашите деца“, истакна Фон дер Лајен.
Таа посочи дека не само малолетниците се изложени на ризик, особено поради дизајните што поттикнуваат зависност, туку тие можат да влијаат врз сите корисници, без оглед на возраста.
Затоа, според неа, потребна е поширока рамка – Закон за дигитална правичност (Digital Fairness Act), кој Европската комисија планира да го предложи наесен.