Европската комисија утре ќе ја објави оценката за приемот на Бугарија во Еврозоната

Утре се очекува Европската комисија да го објави Извештајот за конвергенција, со кој ќе се оцени дали Бугарија ги исполнува условите за пристап во Еврозоната од 1 јануари 2026 година. Исто така, Европската централна банка ќе даде свое мислење за подготвеноста на Бугарија, но конечниот став најмногу ќе зависи од препораките на Комисијата.

Приемот во Еврозоната ќе значи дека бугарскиот лев ќе биде заменет со еврото како национална валута. Бугарскиот премиер Росен Жељазков изрази увереност дека извештајот ќе биде позитивен.

Сепак, јавноста во Бугарија е поделена. Според анкети, 57,1 отсто од граѓаните се против замена на левот со еврото, а само 39 отсто се за тоа. Скептичноста е поголема меѓу повозрасните, а главни противници се националистичките партии кои стравуваат од раст на цените и губење контрола врз монетарната политика.

Претседателот Румен Радев најави можност за распишување на референдум за членството во Еврозоната, но оваа идеја не е поддржана во бугарското Собрание и се соочува со правни дилеми.

Премиерот Жељазков се обидува да ги намали стравувањата, најавувајќи законски измени кои ќе ја гарантираат безбедноста на штедењата на граѓаните по воведувањето на еврото.

Според договорот за ЕУ, секоја земја-членка треба да прифати еврото, но нема одреден рок за тоа. За пристап, земјите мора да ги исполнат Мастришките критериуми, кои вклучуваат стабилна инфлација, одржлив буџетски дефицит, низок јавен долг и стабилен девизен курс.

Бугарија се приклучи кон Европскиот механизам за девизни курсеви (ЕРМ 2) во јули 2020 година и го врзува курсот на левот за еврото. Првичниот план беше влез во Еврозоната на 1 јануари 2024 година, но тоа не се реализираше поради економски и политички предизвици.

Доколку биде прифатена, Бугарија ќе стане 21-та земја членка на Еврозоната. Во ЕУ уште не се дел од Еврозоната Данска, Полска, Романија, Унгарија, Чешка и Шведска.