Европскиот парламент денес го суспендираше трговскиот договор меѓу Европската Унија и Соединетите Американски Држави, со образложение дека најновата одлука на американскиот претседател Доналд Трамп и претходната одлука на Врховниот суд на САД ја довеле во прашање правната валидност на договорот од 2025 година.
Врховниот суд на САД на 20 февруари ја поништи одлуката со која Трамп на почетокот на 2025 година воведе високи царини за многу земји во светот, со образложение дека со повикување на закон за национална вонредна состојба ги надминал претседателските овластувања.
Трамп истиот ден најави дополнителни царини од десет проценти на увоз од целиот свет, а само еден ден подоцна тоа го зголеми на 15 проценти, и тоа со извршна уредба со која го заобиколи Конгресот.
Преговарачите на Европскиот парламент задолжени за овој документ денес го замрзнаа целиот договор меѓу ЕУ и САД сè додека ситуацијата не биде разјаснета.
„Сакаме од САД да добиеме јасни гаранции дека ќе се придржуваат до договорот, бидејќи тоа е одлучувачки елемент“, изјави шефот на Комисијата за трговија на Европскиот парламент, германскиот социјалдемократ Бернд Ланге.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и Трамп во јули минатата година во шкотскиот Тарнбери го договорија царинскиот и трговскиот спогодбен пакет.
Со договорот од Тарнбери, САД се обврзаа на стандардна царина од 15 проценти на поголемиот дел од увозот од ЕУ (намалувајќи ги најавените 30 проценти), додека ЕУ се согласи да ги укине царините на речиси целата американска индустриска стока.
ЕУ се обврза и да купи од САД горива во вредност од околу 750 милијарди долари и воена опрема во вредност од 600 милијарди долари во неутврден временски период.
Бернд Ланге денес изјави дека со одлуката на Врховниот суд исчезнал клучниот инструмент што САД го користеле за постигнување и спроведување на договорот од Тарнбери, соопшти Европскиот парламент.
„Одлуката на Врховниот суд на САД од 20 февруари 2026 година за (Трамповото) повикување на законот за национална вонредна состојба (IEEPA) е јасна и недвосмислена. Нејзините импликации е невозможно да се игнорираат, и продолжување како досега не е опција“, рече Ланге.
Германскиот европратеник додаде дека новиот предлог на Трамп предвидува замена на IEEPA и дека би важел за сите земји, при што последицата би била зголемување на царините над договорените 15 проценти, што претставува јасно отстапување од одредбите на договорот од Тарнбери.
Поради тоа, денес нема да се одржи претходно закажаното гласање во комисијата, а известувачите што ја претставуваат парламентарната мнозинска група следната недела ќе ја разгледаат ситуацијата, рече Ланге.
Известувачите се согласија дека во актуелните околности работата на имплементацијата на трговскиот договор ЕУ–САД треба да биде запрена сè додека во односите меѓу Унијата и САД повторно не се воспостават јасност, стабилност и правна сигурност.
Европската комисија веќе со месеци работи на имплементацијата на договорот, но неговата целосна примена бара зелено светло од Европскиот парламент и од земјите членки. Европратениците веќе еднаш, во периодот на Трамповите претензии кон Гренланд, привремено ја суспендираа работата на реализацијата на договорот.
По одлуката на Врховниот суд, Трамп својата нова одлука ја заснова на закон од 1974 година кој му овозможува под одредени услови до 150 дена без одлука на Конгресот да воведе царини на увозна стока. Експертите веќе изразуваат сомнеж дека тие услови се исполнети. За подолгорочно задржување на повисоките царини му е потребна согласност од Конгресот.