Земјоделските протести во Грција денеска предизвикаа сериозни сообраќајни нарушувања, откако демонстрантите со трактори и земјоделска механизација го затворија граничниот премин Евзони и делови од автопатот Солун–Атина, со што привремено ја прекинаа комуникацијата со Македонија.
Според грчкиот весник „Катимерини“, блокадите се прошируваат низ целата земја и се концентрираат на клучни патни правци, локални сообраќајници и меѓународни транспортни коридори.
Најпогодени се премините Евзони и Промахонас, а земјоделците разгледуваат и построги мерки, вклучително и ограничувања за товарниот сообраќај.
Најголеми тешкотии се забележуваат во регионот Тесалија, кој сè уште закрепнува од последните поплави. Националните правци Атина–Солун и Е65 се делумно или целосно затворени, предизвикувајќи сериозни застои.
Тензии имаше и кај Кијато, каде полицијата употреби солзавец за да спречи обид за блокада на делницата „Олимпија Одос“.
Од 1 декември земјоделците ја држат затворена јужната лента на автопатот Солун–Атина кај Малгара и периодично го запреа сообраќајот кон север. Нови колони трактори се формираат во Верија, Халкидоно, Пела и Флорина, со планови за маршеви кон граничните премини.
Еден од најголемите протестни кампови се наоѓа кај Никеа, близу Лариса, каде стотици трактори веќе неколку дена ја држат блокадата. Земјоделците најавуваат засилување на протестите следната недела, со нови митинзи и дополнителни прекини на патниот сообраќај.
Во западните делови на Грција, нови блокади го зафатија автопатот Патра–Пиргос, а демонстрантите најавуваат дека акциите ќе се шират и понатаму.
Земјоделците бараат исплата на заостанатите субвенции и обештетувања, намалување на производствените трошоци, како и итна поддршка за сточарите погодени од последниот бран сипаници кај добитокот, кој значително ги намали стадата овци и кози.