„Фала, злато си, честам ручек“, му напишала Димитровска на колегата кој место неа полагал испити за највисока државна тајна

Поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, се соочува со обвинение за кривично дело „компјутерски фалсификат“, откако, според обвинителството, две години по ред испитот за безбедносен сертификат го полагало друго лице во нејзино име.

Станува збор за ревизорот во Државниот завод за ревизија, Миле Столевски, кој, според презентираните докази, користел нејзини пристапни податоци за да се најавува на обуките и тестирањата во системот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, претставувајќи се како Димитровска.

На денешното судење, обвинителот Фатон Азизи од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција презентираше комуникација меѓу обвинетите, во која се гледа дека Димитровска му испраќала корисничко име, лозинка и други податоци за пристап до системот. Во пораките, таа му се заблагодарува за положениот испит со зборовите „злато си“ и најавува дека ќе го почести со ручек.

Според доказите, Столевски во 2023 и 2024 година ги следел обуките и ги полагал тестовите во нејзино име, по што ѝ ги доставувал сертификатите. Во една од пораките, тој наведува дека испитот е положен со висок резултат, додека во друга сугерира поништување на претходен сертификат.

Случајот е дел од поширока истрага поврзана со предметот „Адитив“, во која Димитровска е обвинета и за оддавање службена тајна. Според обвинението, таа преку комуникациски апликации споделувала доверливи информации со поранешен директор на ТЕЦ Неготино, вклучително и податоци за отворени предмети и проверки на имот.

Истрагата против неа беше отворена во април 2025 година, а по поднесувањето на обвинението, Димитровска поднесе оставка од функцијата во Антикорупциската комисија. Во јули истата година се врати во Државниот завод за ревизија, каде повторно ја извршува функцијата помошник на главниот државен ревизор.