Федералните власти спроведуваат широка вежба за нуклеарни инциденти во сојузната држава Њујорк. Воени авиони и персонал ќе дејствуваат според сценарио, за да бидат подготвени „да реагираат во случај на нуклеарен инцидент во САД или во странство“.
Вежбите во округите Шенектади, Олбани и Саратога се одржуваат во време на зголемени стравувања од нуклеарна војна, при што рускиот претседател Владимир Путин е меѓу оние кои неодамна се заканија со такви напади, пишува New York Post.
Сепак, вежбите не се одговор на овие закани, туку се рутински, изјавуваат од Федералното биро за истраги (ФБИ), нагласувајќи дека вакви двегодишни тренинзи се одржуваат низ целата земја од 2012 година.
„Оваа вежба не се спроведува како одговор на неодамнешни или тековни светски настани, а нејзиното планирање започна уште во пролетта“, изјави Сара Руан, портпаролка на канцеларијата на ФБИ во Олбани.
Вежбата започна во недела и ќе трае до петок во околината на градовите Шенектади и Олбани. Општите подрачја каде што ќе се одржи вклучуваат областите околу аеродромот во Олбани, до базата на Националната воздушна гарда Стратон и северниот дел на округот Саратога.
Во вежбата учествуваат претставници на Министерството за одбрана, Националната администрација за нуклеарна безбедност, ФБИ, Агенцијата за внатрешна безбедност и други локални и федерални агенции, соопшти ФБИ.
„Вежбата претставува можност за вклучените структури да тренираат и да ја подобрат својата оперативна подготвеност за реакција во случај на нуклеарен инцидент во Соединетите Американски Држави или во странство“, се наведува во соопштението на ФБИ.
Според Сара Руан, учесниците ќе користат полициски авиони и ќе носат лична заштитна опрема за да „симулираат реални услови“ при распоредувањето на Националната техничка група за нуклеарна криминалистика, која собира примероци од нуклеарни остатоци по некој настан за анализа.
„Обуката нема да претставува никаков ризик за жителите на областа. Јавноста не треба да се вознемирува од активностите поврзани со вежбата“, се нагласува во соопштението на ФБИ.
Сепак, вежбата се одржува во момент на големи меѓународни конфликти, кои предизвикуваат загриженост кај многу граѓани за можноста од нуклеарен конфликт или Трета светска војна.
Повеќето од загриженоста се предизвикани од Русија и изјавите на претседателот Владимир Путин, откако тој ја нападна Украина во февруари 2022 година.
Минатиот месец Путин повторно предизвика немир, откако изјави дека Русија „ќе одговори на секое предизвикателство, секогаш“, според Economic Times.
„Знаете ли, не треба да плашиме никого“, рече Путин. „Но има многу опасности, тие се зголемуваат. И ние гледаме што прави нашиот непријател денес, ескалирајќи ја ситуацијата. Ако сакаат, нека живеат лошо, нека ескалираат уште повеќе“, изјави претседателот на Русија.