ФФМ му изрече две години забрана на поранешниот претседател Сејдини поради финансиска измама

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) денеска соопшти дека својот поранешен претседател Муамед Сејдини го санкционирала со забрана за вршење функции во траење од две години поради злоупотреба на службената положба и финансиска измама поврзана со градежни работи на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид.

Според соопштението на ФФМ, Сејдини го потпишал договорот за изградба на трибина на стадионот на 3 декември 2024 година, вметнувајќи услов за авансно плаќање од 20 проценти, спротивно на одлуката на Одборот за итност од 27 ноември 2024 година. Авансот од околу 700.000 евра бил извршен без обезбедена банкарска гаранција и без овластување од Управниот одбор на Федерацијата.

„Дисциплинската комисија утврди дека постапката на Сејдини го измамила и довела во заблуда Управниот одбор на ФФМ и нанесла сериозна материјална штета на Федерацијата, поради што е изречена соодветната санкција“, наведуваат од ФФМ.

Муамед Сејдини ја предводеше ФФМ во два мандати, од 2019 до 2025 година, а забраната стапува на сила веднаш.