Филипче: Да ги утврдиме црвените линии за јазикот и идентитетот, времето нè гази

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска ја претстави Предлог-резолуцијата за заштита на националните интереси, која партијата ја достави до Собранието, опишувајќи ја како „еден од најпатриотските документи“ понудени во изминатите децении. Тој ги повика сите политички партии, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ, да покажат зрелост и да седнат на заедничка маса за да се постигне национален консензус за, како што рече, црвените линии на државата.

„Ова е документ кој отвора простор и врата конечно да се постигне национален консензус за нашите црвени линии – за што ние утре нема да преговараме со Европската Унија, доколку се постави такво прашање. Тоа од што луѓето стравуваат во иднина, и тоа се – јазикот, идентитетот, културата и историјата“, изјави Филипче.

Во врска со реакциите на премиерот Христијан Мицкоски, лидерот на СДСМ изрази жалење и нагласи дека сè што е наведено во резолуцијата е прецизно, точно и базирано на претходно донесени собраниски резолуции.

Филипче упати апел до сите партии да се издигнат над дневната политика за време на кампањата и да разговараат за овој документ, бидејќи, како што рече, „времето сериозно не гази, а регионот оди напред“. Тој истакна дека СДСМ е подготвен на конструктивен дијалог и дека „апсолутно“ би прифатил и резолуција предложена од ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, предлогот на СДСМ е различен од претходните бидејќи содржи хронологија на веќе донесени одлуки, претставува повик за заедничка работа и нуди јасна временска рамка за уставните измени и отворањето на поглавјата со ЕУ. Целта е, како што рече, да се испрати заедничко писмо до Брисел со кое Унијата ќе биде јасно информирана кои се македонските црвени линии.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.