Филипче: Ќе се реновира Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на хронични, респираторни, неспецифични и алергиски лекувања Отешево

Министерот за здравство Доц. д-р. Венко Филипче ја посети Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на хронични, респираторни, неспецифични и алергиски лекувања Отешево. Поводот за посетата е 40 години од отворањето на установата и најава за нејзино реновирање.
Во присуство на директорот на болницата, др. Александра Пили, градоначалникот на општина Ресен, Живко Гошаревски, министерот Филипче најави реконструкција на трите павиљони на установата.

Се вчитува...

„Оваа болница е единствена од ваков вид во државата токму заради спецификите на регионот кои придонесуваат во третманот на пациентите кои имаат хронични респираторни и алергиски проблеми.  По 4 децении,  оваа установа добива поддршка за реновирање и наскоро ќе започне процесот на обнова“, истакна министерот Филипче.

На годишно ниво во болницата се лекуваат околу 1.000 болнички пациенти, 1.300 амбулантски пациенти и стотина пациенти во дневната болница. Трите павиљони кои се планирани за обнова располагаат со капацитет од 72 болнички кревети, оддел за интерна медицина и оддел за физикална медицина. Работат двајца доктори по физикална медицина и рехабилитација, пулмо-алерголози, доктори по интерна медицина, како и по еден доктор на специјализација по интерна медицина и доктор на медицина.
Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на хронични, респираторни, неспецифични и алергиски лекувања – Отешево е сместена на западниот брег на Преспанското Езеро и е со идеален гео-климатски фактор за лекување на пациенти со хроничен опструктивен бронхит, белодробен емфизем, бронхијална астма, фибрози, како и постоперативни состојби на бели дробови со намалена белодробна функција.

.

Извор: ТВ21