Филипче: Македонија е во застој, европскиот пат сведeн на празна реторика

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на прес-конференција изјави дека најновиот Извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија кон Европската унија е јасен показател дека државата, под водство на актуелната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, се движи во погрешна насока.

Според него, Македонија се наоѓа во групата на земји како Косово, Молдавија, Украина и Босна и Херцеговина – далеку зад динамиката со која напредуваат Албанија и Црна Гора.

„Државата е во целосен застој, а европскиот пат е сведeн на празна реторика. Не постои напредок во ниту една област, а во дел од нив дури има и назадување“, рече Филипче.

Тој посочи дека позитивен напредок е забележан само во четири области, додека во осум нема никакво поместување, а особено загрижува состојбата во економијата.

„Реформите не се спроведуваат, обврските не се исполнуваат, а државата губи европски средства. Недозволиво е да нема буџет за клучните реформи од европскиот процес. Во демократијата нема напредок – Собранието е блокирано, а уставните измени, неопходни за почеток на преговорите, воопшто не се разгледуваат. Судството и натаму е зависно, борбата против корупцијата е во застој, јавната администрација функционира со 60 проценти закони донесени по скратена постапка, без јавни дебати и консултации со експертите. Во образованието финансирањето е намалено, резултатите кај учениците се влошуваат, а во животната средина и земјоделството недостигаат клучни законски решенија. Исто така, доцнењата во повратот на ДДВ се алармантни“, нагласи тој.

Филипче оцени дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ нема ниту визија, ниту капацитет да ја води државата напред, предупредувајќи дека додека регионот се движи напред, Македонија ризикува да стане „слепо црево на Балканот“.