Филипче: Нема да дозволиме ништо да ја урне довербата во здравството, одговараме за квалитетот на вакцините

Министерот за здравство Венко Филипче, денеска одржа нова прес конференција на која се зборуваше за актуелната тема за вакцините. Вчера Министерството за здравство информираше дека настанал технички пропуст од страна на „Македонијалек“ за декларациите на вакцините.

– Инспекции ќе има во здравствените домови кои извршиле прием на вакцините, но и во самата компанија, која ќе треба да си ги испита процедурите за да видат каков пропуст направиле. Нема да дозволиме ништо да го ја урива довербата во нашиот здравствен систем, во период кога правиме напори да го зачуваме угледот. Министерството за здравство ќе ги преземе сите мерки кои се во рамки на правната регулатива да се справиме со ова, да укажеме на производителот каков проблем се јавил со локалниот добавувач, за да докажеме дека сме сериозна власт на која граѓаните и се на прво место – рече Филипче кој додаде дека не се најдени вакцини со поминат рок, туку дека е најден мал дел на вакцини со погрешни декларации.

Се вчитува...

– Станува збор за декларации на кои има постар датум од она што е вистински рок, кој е наведен и на кутијата и на вијалата на самата вакцина. Одговараме за квалитетот на вакцините, за критериумите на нивната набавка. Многу сериозно го разгледуваме прашањето. Вакцините се проверени од инспектори, дадена е дозвола за дистрибуција, дадена е дозвола од Агенцијата за лекови. Инициравме контрола во неработни денови, што укажува дека крајно сериозно пристапување на прашањето. Не сакавме да се создаде дополнителна паника во јавноста, посебно не во овој период на епидемија. – изјави министерот.

Вакцини со погрешна декларација се пронајдени во Здравствениот дом „Железничар“, во Демир Хисар, во Велес и во Свети Николе.

– Се работи за техничка грешка. Кога ќе ги собереме сите количини, ќе постапиме понатаму со фирмата „Македонија лек“. Тие направиле техничка грешка, односно наместо нови, залепиле стари налепници. Понатаму ќе видиме како ќе се одвиваат работите Сакам да верувам дека е техничка грешка. Ги уверувам сите граѓани дека станува збор за квалитетна и добра вакцина, дека нема ризик, дека релацијата со болести се темели на парамедицина – рече Филипче кој потврди дека денеска има 2 нови случаи и дека до сега се вакцинирани вкупно 1300 деца.

Извор: ТВ21