Министерството за правда ќе побара детално образложение за одлуката со која мерката притвор е заменета со куќен притвор во предмет поврзан со истрага за проневера тешка над осум милиони евра.
На прес-конференција, министерот за правда Игор Филков порача дека институцијата нема да остане пасивна кога, како што рече, се отвораат сериозни дилеми што ја нарушуваат довербата на граѓаните во правниот систем.
Тој нагласи дека досега се воздржувал од коментирање конкретни судски и обвинителски одлуки, почитувајќи го принципот на поделба на власта, но оцени дека во овој случај јавноста има право на појаснување.
Според него, станува збор за лице кое 14 месеци било недостапно за органите на прогонот, иако претходно бил утврден ризик од бегство – ризик што, како што посочи, се реализирал. Министерот праша врз основа на кои конкретни факти и правни аргументи е донесена одлуката за поблага мерка.
Филков јавно ги повика надлежните актери да дадат транспарентно образложение:
– јавниот обвинител Даниел Коцев да појасни врз кои аргументи е дадено позитивно мислење за замена на притворот;
– раководителот на обвинителството Анел Фидоски да се произнесе дали стои зад одлуката и дали таа испраќа порака за еднаква примена на законот;
– судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје Марин Станевски да објасни кои околности го надминале претходно утврдениот ризик од бегство.
Министерот информираше дека побарал дополнителни информации и за условите во притворските установи, како и дека ќе биде спроведен вонреден надзор во казнено-поправните установи со цел да се утврди безбедносната состојба.
„Залудно носиме закони ако не се спроведуваат. Залудно зборуваме за реформи ако практиката ја руши довербата. Ова не е прашање на политика, туку на принцип“, истакна Филков.
