Филков: Десет дена чекаме Судскиот совет да одлучи дали судијата Пајазити постапил според законите

Министерот за правда Игор Филков смета дека одлуката на судијата Пајазит Пајазити да биде во куќен притвор поранешниот припадник на ОВК Блеким Рамадани, кој потоа избега од државата, е погрешна и во спротивност со досегашната пракса. 

Филков вели дека ова прашање треба да биде приоритет посочувајќи дека веќе 10-тина дена се чека Судскиот совет да одлучи дали Пајазити постапил согласно законите. 

– Одлуката на судијата не само што е погрешна, туку е во спротивност на досегашната пракса. А нашата цел е целосна примена на законите во државата за секого без исклучок. Ова прашање треба да има приоритет, а веќе 10 дена го чекаме Судскиот совет да одлучи дали судијата Пајазити постапил согласно законите, што не е така и доколку се разгледаат сите докази, аргументи и факти ќе биде констатирано дека не, не одлучил правилно. Ако бидеме искрени ќе признаеме дека во одлуката на судијата Пајазити е отсликано сето она што го поткопува правниот систем во државата и против кое безусловно ќе се бориме да го смениме. Затоа ни се потребни темелни реформи. Оваа постапка и оваа одлука укажуваат дека мора да спроведеме реформски процеси за да изградиме правен систем каде ќе има еднаква правда за сите. Систем каде ќе доминираат вистински професионалци, законски и правни принципи, а не други интереси или пак уште полошо партиски послушници, вели Филков во интервју за Фактор.