Полицијата го опколи објектот на НЛБ Тутунска банка во трговскиот центар во Сарај. Разбојници околу 10:40 часот утрово, влегле и ја ограбиле филијалата. Четири вооружени лица влегле внатре, а целата акција траела само пет минути. Очевидците не сакаа да говорат пред камера, само велат дека акцијата била како на филм. На местото на настанот пристигна полицијата, а потоа, околу 12 часот и крим-техниката.
-На 08.07.2019 г. околу 10:40 ч. Пријавено е дека во банка во општина Сарај четири лица извршиле разбојништво и со закана од огнено оружје одзеле пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот-соопштија од МВР.
Од банката велат дека се украдени 115 илјади евра. Очекуваат, органите на редот што поскоро да го расветлат случајот и да ги пронајдат сторителите.
-Во грабежот се украдени околу 115 илјади евра, а со цел побрзо откривање на деталите и разрешување на случајот, НЛБ Банка е во интензивна соработка со надлежните органи. Во моментов поради истрага и расчистување на случајот, експозитурата Сарај не работи, а со редовна работа ќе продолжи од 10 јули 2019 година-велат од НЛБ Банка.
Надлежните од НЛБ банка, велат дека вработените кои биле на своите работни места се безбедни и во добра состојба. Уверуваат дека средствата на нивните клиенти се безбедни. Инаку, ова е втор грабеж во рок од три месеци во некоја од експозитурите на НЛБ. Ваков настан беше регистриран и пред три месеци во Чаир кога разбојниците им се заканија на вработените и со себе однесоа околу 150 илјади евра.
РЕПОРТЕР: АФРИМ ЈОНУЗИ