Македонија

Финансиска поддршка за млади брачни парови во Кисела Вода: До 6.600 евра ослободување за изградба на дом

Финансиска поддршка за млади брачни парови во Кисела Вода: До 6.600 евра ослободување за изградба на дом

Општина Кисела Вода нуди финансиско ослободување од 5.000 до 6.600 евра за млади брачни парови кои сакаат да изградат куќа во општината, под услов да не го продаваат објектот во наредните 10 години.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска ја претстави кампањата „Кисела Вода – адреса за заеднички дом“, со која општината им излегува во пресрет на младите брачни парови, овозможувајќи делумно или целосно ослободување од надоместок за уредување на градежно земјиште. Оваа иницијатива е дел од напорите за демографска обнова и поддршка на младите за изградба на свој дом.

Со проектот, брачни парови до 40 години кои немаат друг имот, ќе можат да ги искористат овие олеснувања, под услов да изградат куќа со намена за домување (А1), која ќе содржи само една станбена единица. Покрај тоа, инвеститорите се обврзуваат да не го продаваат објектот во рок од 10 години.

Ослободувањето од комуналии ќе изнесува 40% за објекти во рамки на урбанистички план на Град Скопје, додека за објекти надвор од градското подрачје, ослободувањето ќе биде 100%.

„На пример, за куќа од 100 м² во Црниче, брачните парови ќе добијат ослободување од 6.600 евра, додека во село Драчево за истата површина ослободувањето ќе биде 5.000 евра“, рече Ѓорѓиевски. Тој додаде дека општината ќе обезбеди бесплатна типска проектна документација за куќи од 80, 100 и 120 м², која ќе биде достапна за симнување од веб-страницата на општината.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни