Од Управата за финансиска полиција велат дека заплениле повеќе од 12 тони тутун. Директорот, Арафат Муареми, вели дека ниту едно лице не е приведено. Четири жители по распитот се пуштени на слобода. Муареми изјави дека во село Љуботен се конфискувани и машинии за обработка на тутунот. Тој додаде дека државниот буџет е оштетен за 7.5 милион евра како последица на неплаќањето данок. Муареми даде изјава и во врска со изјавите на мештаните дека тие не го увезувале нелегално тутунот туку самите го произвеле.
„Да ги слушнав тие изјави дадени од жителите, но слободно можете да ги видите декларациите кои покажуваат каде е произведен овој тутун. Со декларацијата не може да се знае од каде доаѓа тутунот, може да има кутии само со декларации? Имаме и земјоделски инспекторат кој констатираше дека тутунот доаѓа од странство“, изјави Арфат Муареми – директор на управата за финансиска полиција.
Мухареми исто така рече дека тутунот е увезен од Албанија, Србија, Грција и Бугарија.
„Во текот на 2018 и 2019 година дејствувале повеќе правни субјекти кои вршеле увоз на тутун од соседните земји Албанија, Србија, Грција и Бугарија, а потоа истиот, на црно се дистрибуирал и продавал на повеќе физички лица. Од наша страна постоеше сомневање дека физичките лица нелегално поседуваат машини со кои тутунот го преработувале, а потоа тој се продавал без акцизна бандерола на црниот пазар“, изјави Арфат Муареми – директор на управата за финансиска полиција.
Директорот на Царинската управа вели дека годинава е формирано посебно работно тело за следење на оваа појава.
„Овој вид на тутун нема никакви документи за начинот на производство, а не е контролиран ниту квалитетот. Во почетокот на годината Царинската управа формираше посебно работно тело за следење на оваа појава. Во координација со другите институции работиме за да ја сузбиеме нелегалната продажба на режаниот тутун кој се продава на пазарите“, изјави Ѓоко Танасоски – директор на Царинската управа.
Полициската акција на Управата за финансиска полиција почна денес наутро и траеше седум часа. И покрај тоа што жителите на Љуботен дадоа отпор, сепак полицијата со 8 камиони го заплени нивниот тутун.
РЕПОРТЕР: АФРИМ ЈОНУЗИ