Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Струга против едно физичко и едно правно лице поради сомнение за сторено кривично дело „даночно затајување“, со кое, според истрагата, Буџетот на државата е оштетен за повеќе од осум милиони денари.
Како што информираат од Финансиската полиција, првопријавениот С.З., во својство на сопственик и управител на пријавената компанија, со умисла и со цел да прибави противправна имотна корист за себе и за фирмата, присвоил трговска стока која била евидентирана како залиха на крајот на 2025 година. Станува збор за стока во вредност од 26.085.138 денари.
Според наводите во пријавата, при тоа не биле пресметани, пријавени и платени обврските за данок на додадена вредност по стапки од 18 и 5 проценти, како и данок на личен доход, со што биле избегнати даночни обврски во повеќемилионски износи.
Воедно, осомничениот не ги евидентирал како приход застарените и ненамирени обврски во износ од 8.120.980 денари, иако тие, согласно законските одредби, требало да бидат признаени во финансиските извештаи. И покрај законската обврска, за 2025 година не поднел даночен биланс, ниту пресметал и платил данок на добивка.
Од Управата за финансиска полиција наведуваат дека со овие дејствија пријавените не ги пресметале, не ги пријавиле и не ги уплатиле законски утврдените даночни обврски, при што Буџетот на Република Северна Македонија е оштетен за вкупно 8.070.791 денари.
Против физичкото и правното лице е поднесена кривична пријава, а за случајот ќе постапува Основното јавно обвинителство во Струга.