Финансиските друштва во Македонија доживеаја рекордна експанзија во кредитирањето на населението минатата година, со вкупно пласирани 9,2 милијарди денари (150,7 милиони евра) преку 227.706 активни договори. Ова претставува убедлив рекорд во работењето на овој сектор од 2014 година наваму, покажуваат најновите податоци од извештајот за финансиска стабилност на Народната банка.
И покрај бумот на кредитирањето, профитабилноста на финансиските друштва во 2024 година, иако оценета како „исклучително висока“, сепак била намалена во споредба со претходната година.
„Во 2024 година финансиските друштва остварија исклучително високи показатели за профитабилноста, но намалени во споредба со претходната година поради побавниот раст на нето-добивката“, наведуваат од Народната банка.
Од друга страна, извештајот нотира подобрување на оперативната ефикасност на овие друштва, што се гледа преку намалениот удел на оперативните трошоци во нивните вкупни приходи.