ФК Пелистер ќе му оддаде чест на Панчо – човекот што веруваше во сонот за модерен стадион во Битола

Фудбалскиот клуб Пелистер Битола со трогателен гест ќе му оддаде чест на Владимир Блажев – Панчо, човекот кој, како што велат од клубот, уште од првиот ден верувал во сонот за модерен стадион во Битола.

Во негова чест, на семафорот на стадионот „Петар Милошевски“ 65 минути ќе стои неговата фотографија, заедно со пораката со која Панчо ја поддржа кампањата за изградба на новиот стадион. Симболиката, како што наведуваат од клубот, е во бројката 65 – како потсетник на 65-тата жртва од трагедијата во Кочани, во која Панчо трагично го загуби животот.

„Панчо беше меѓу првите што застанаа зад идејата за модерен стадион. Човек со големо срце, љубов кон спортот и кон својот град. Неговата поддршка и енергија ќе останат засекогаш дел од нашиот клуб,“ стои во соопштението на ФК Пелистер.

Клубот упати и искрено сочувство до семејството и најблиските на Панчо, завршувајќи со порака:

„Почивај во мир, пријателу“