Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, изрази поддршка за кипарските власти по нападот со беспилотни летала врз британската база во Акротири (Југоисточен Кипар) вечерва и изјави дека ЕУ стои „колективно, цврсто и недвосмислено“ зад своите земји-членки, објави онлајн изданието на весникот „Сајпрус меил“.
„Разговарав со претседателот (на Кипар) Никос Христодулидес, кој ме информираше за единствениот инцидент што се случи кратко по полноќ, а во кој се вклучени таргетирање на дрон од страна на британска база во Акротири“, изјави фон дер Лајен утрово во својот пост „Екс“. „Иако Република Кипар не беше целта, дозволете ми да бидам јасна: ние стоиме колективно, цврсто и недвосмислено зад нашите земји-членки во услови на каква било закана“, додаде таа.
Рано утрово, британската војска пријави „сомнителен напад со беспилотни летала“ врз базата Акротири, која е најголемата британска воена база во регионот. Лондон неодамна распореди дополнителни средства таму, вклучувајќи системи за воздушна одбрана и одбрана од беспилотни летала, радари и авиони Ф-35. Вчера, британскиот премиер Кир Стармер објави дека Велика Британија се согласила САД да ги користат британските воени бази за да ги напаѓаат иранските ракетни локации, нагласувајќи дека Лондон нема да учествува во „офанзивни акции во Иран“.
Кипарските власти подоцна ја потврдија информацијата за нападот, а портпаролот на кипарската влада, Константинос Летимбиотис, извести дека „надлежните органи веднаш ги активирале потребните безбедносни протоколи“ и дека е свикан националниот совет за безбедност.
„Сакам да бидам јасен: Нашата земја не учествува на никаков начин и нема намера да биде дел од никаква воена операција“, изјави денес Христодулидес, откако ја потврди и информацијата за нападот со беспилотни летала врз британската база, објави Ројтерс.
