Движењето „Кој е Следен?“ денеска пред второто рочиште за трагедијата во дискотеката „Пулс“ изведе симболична акција пред Кривичниот суд во Скопје.
Пред влезот беа поставени десетици „очи“, како порака дека јавноста внимателно го следи процесот и дека сите очи се вперени кон институциите кои треба да обезбедат правично, независно и транспарентно судење.
Со оваа акција се испраќа јасен сигнал дека семејствата на загинатите, преживеаните и целата јавност очекуваат одговорност и јасни судски постапки, без одолговлекувања и без политички влијанија.
Движењето најави дека ќе продолжи активно да го следи процесот и да реагира секогаш кога постои опасност правдата да биде нарушена. „Не смееме да дозволиме трагедијата во „Пулс“ да се претвори во уште една неказнета болка“, истакнаа од „Кој е Следен?“.
Со денешната акција, правосудниот систем повторно е ставен под будното око на јавноста, а пораката на граѓаните е јасна: секој потег и секоја одлука ќе бидат следени и запаметени.