Во раните утрински часови денеска, Општина Бутел во координација со Министерството за внатрешни работи спроведе акција за отстранување на бесправно изградениот објект и узурпацијата на државно земјиште во населбата Визбегово.
Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, нагласи дека законите ќе важат еднакво за сите граѓани и дека продолжува решителната борба против бесправните градби и узурпации на државната сопственост.
„Се додека јас сум градоначалник на Општина Бутел, законот ќе важи за сите подеднакво, без отстапки. Јас работам во интерес на моите сограѓани и сум на страна на чесните луѓе“, напиша Костовски.
По денешната акција ќе следуваат соодветни пријави, додаде градоначалникот, додавајќи дека во општината нема место за бесправни објекти и узурпации на државно земјиште, и дека сите граѓани ќе бидат третирани еднакво.