ФОТО Отворен новиот спортско-рекреативен простор кај Бучинското Езеро во Илинден

Општина Илинден официјално го отвори новото спортско-рекреативно катче кај „Бучинското Езеро“ во населеното место Бучинци, со што овој природен локалитет доби сосема нов изглед и функција – како место за одмор, спорт, релаксација и дружење на отворено.

Во рамките на проектот, просторот околу езерото е уреден со нови бекатон плочки, поставена е пешачка патека во должина од 60 метри и изградена е платформа за прошетка и одмор. Пристапниот пат до езерото е тампониран во должина од 100 метри, а за љубителите на риболовот е поставена специјална платформа за безбедно и удобно уживање во овој спорт.

Локалитетот е дополнително опремен со енергетски ефикасно осветлување преку нови канделабри, клупи за одмор, корпи за отпадоци и летниковец кој овозможува засолниште и простор за социјални активности.

„Со овој проект, жителите на Илинден, но и граѓаните од околните места, добија современо и функционално јавно место за квалитетно поминување на слободното време. Ова е инвестиција во подобрување на животниот стандард и исполнување на нашите заложби за поубава и поуредена општина“, изјави градоначалникот Александар Георгиевски.

Од Општината посочуваат дека ваквите проекти се дел од пошироката визија за развој на зелените површини, подобрување на јавниот простор и создавање услови за активен живот на сите генерации.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното