Обилните врнежи од дожд денеска предизвикаа поплави на неколку локации во земјава, особено во Кичево, Охрид и Ресен. Според информациите од регионалните центри за управување со кризи, состојбата на поголемиот дел од територијата на Република Северна Македонија е стабилна и без нарушување на редовната состојба.

Во северниот регион, Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Ранковце и Кратово – нема пријавено излевање на реки, ниту последици од врнежите. Исто така, во Скопје, Струмица, Велес, Кавадарци, Неготино, Свети Николе и Штип – состојбата е стабилна, без поплави или одрони.
Во Охрид, пак, се пријавени поплавени подруми, гаражи и дворови на повеќе локации. Локалната самоуправа и Кризниот штаб на Општина Охрид веднаш постапуваат по пристигнатите пријави.

Во Кичево, повеќе стамбени објекти на ул. „Прилепска“ се поплавени, а започна евакуација на жителите. На терен се екипи на Општина Кичево, ДЗС, Црвен крст, ЈКП „Комуналец“ и други надлежни служби.
Струга е погодена од поголем одрон на патниот правец с. Татеши – с. Мислодежда, за што е известено ЈП „Македонија пат“ и се преземаат активности за санација.
Во Тетово и Гостивар, патните правци Гостивар–Стража и Тетово–Бањиче се делумно блокирани поради одрони, додека реките Вардар во с. Балин Дол, Лукавичка Река во с. Мало Турчане и Сушичка Река во с. Горно Бањице предизвикаа поплавување на земјоделско земјиште и дворови. За состојбата се известени локалните власти, ДЗС, ЈКП „Комуналец“, ПС Гостивар и ХЕЦ Маврово, каде е преземено намалување на производството на електрична енергија.
Во Општина Боговиње, поради излевање на вода надвор од постоечките канали, е поплавено обработливото земјиште, а директорот на ЈКП „Шари“ е на терен и координира активности со надлежните институции.

Во Битола и Ресен, одрон кај с. Сирхан е саниран, додека во с. Дрмени се поплавени два двора. За состојбата се известени Општина Ресен и ДЗС Ресен.
Врнежите продолжуваат, а надлежните институции континуирано ја следат состојбата на теренот и водостоите на реките.
