Во Националниот парк Галичица, посветената грижа на ренџерот Лазе и неговите помошници Јане и Кире доведе до значителен раст на популацијата на елени. Од 30 единки во 2019 година, денес бројот на елени надминува 200, соопштија од паркот.
Популарноста на репродуктивниот центар за елени се зголеми откако пред неколку дена Националниот парк објави видео од центарот, кое предизвика голем интерес и ги стопли срцата на јавноста. Со поддршката, паркот доби и бројни прашања: како се грижат за елените, дали имаат доволно храна и дали се безбедни од ловџии.
„Нашиот посветен ренџер Лазе, заедно со Јане и Кире, секојдневно се на терен – обезбедуваат храна и вода, вршат редовни контроли и се грижат за безбедноста и благосостојбата на елените. Покрај нивното постојано присуство, центарот е опремен и со видео-надзор камери, кои овозможуваат дополнителна заштита и навремена реакција“, велат од паркот.
Репродуктивниот центар, отворен во 2019 година, има јасна цел – активно управување со високопланинските пасишта, заштита и обновување на популацијата на елени, како и долгорочно зачувување на биолошката разновидност во паркот. Според Националниот парк, овој пристап придонесува за здрави екосистеми, рамнотежа во природата и одржлива иднина за Галичица.
