ФОТО Студениот бран го донесе првиот снег: Забелеа падините на Скопска Црна Гора

Студениот бран што ја зафати Македонија во изминатите 24 часа го донесе и првиот снег на повисоките планини, па скопјани утрово се разбудија со поглед кон побелените врвови на Скопска Црна Гора.

ФОТО Марио Андоновски / 4NEWS.mk

Невообичаената глетка за почетокот на октомври, со снежна покривка на планината што се издига над главниот град, е директна последица на најавеното заладување и обилните врнежи.

Како што и најавија метеоролозите, студениот воздух услови врнежите од дожд на планините да преминат во снег, формирајќи ја првата снежна покривка оваа есен.

Фотографиите од побелената Скопска Црна Гора денеска масовно се споделуваат на социјалните мрежи како најава за дефинитивниот крај на летните температури и доаѓањето на вистинската есен. Според прогнозата, следуваат студени утра, особено за време на викендот, кога температурите на места ќе се спуштат и под нулата.

ФОТО Марио Андоновски / 4NEWS.mk
Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.