22-годишен италијански студент има истетовирано QR-код на раката што докажува дека е вакциниран против ковид-19.
Андреа Колонета, кој живее во Реџо Калабрија, на југот на Италија, ќе треба само да го засука ракавот на влезот во некоја установа или угостителски објект и да ја покаже тетоважата која ја има на левата рака.
„Оригинално е, сакам да сум различен“, рече тој за „Кориере дела Калабрија“, откако станаа вирални неговите фотографии и видеа на Инстаграм и Тикток.
Неговите родители, објасни тој, не биле толку воодушевени.
„Ме охрабрија … да бидам помалку импулсивен и да размислувам малку подобро пред да дејствувам“, вели тој.
Видеото објавено на Тик Ток покажува како се подготвува да влезе во Мекдоналдс и ја крева раката.
Стражарот на вратата потоа го скенира QR -кодот, но видео снимката застанува таму, па не е познато дали навистина необичната тетоважа му дозволила да купи хамбургер.
