Француски нуркачи открија делови од авион урнат пред речиси 60 години

Француски полициски нуркачи пронашле во морето кај Ница делови од француски патнички авион кој се урнал пред речиси шест децении, при што загинале 95 лица, пренесуваат француските медиуми. Правосудните институции повторно ги разгледуваат сомнежите дека леталото можеби било случајно соборено од француските вооружени сили.

Јавниот обвинител во Ница соопшти дека остатоците биле откриени на длабочина од околу 2.300 метри и дека се пронајдени опашката и двата мотора на авионот. Потрагата била спроведена по наредба на Обвинителството, а надлежните институции сè уште одлучуваат дали истрагата ќе се врши на самото место под вода или деловите од авионот ќе бидат извлечени.

Авионот на „Ер Франс“, кој летал од Ајачо на Корзика кон Ница, се урнал во морето на 11 септември 1968 година. Во несреќата загинале сите патници и членови на екипажот. Со децении во јавноста постојат сомнежи дека авионот бил случајно погоден од воени сили и дека околностите на несреќата биле прикривани.

Пред падот, пилотите пријавиле пожар, а сведоштва на очевидци и документи од морнарички бродови кои учествувале во потрагата во тоа време, според наводите, подоцна исчезнале. Јавното обвинителство сега истражува каде завршиле тие материјали и дали имало обиди за попречување на правдата.

Во 2018 година правосудните органи соопштија дека сериозно ја разгледуваат можноста авионот да бил погоден од проектил лансиран од воена база на Француската ривиера. Иако дел од воените документи биле декласифицирани, случајот не бил целосно разјаснет.

Минатата година обвинителите посочија дека постојат повеќе сериозни докази, вклучително и сведоштва и материјални траги, кои укажуваат на можна опструкција на истрагата за причините и околностите под кои се урнал авионот „Каравел“, објави весникот „Либерасион“.