Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) во текот на јули исплатил вкупно 560,9 милиони денари за надоместоци по основ на привремена спреченост за работа, при што најголемиот дел од средствата се однесуваат на породилни отсуства. Од институцијата велат дека исплатите се реализираат редовно и без застој.
Според податоците на Фондот, заклучно со 28 јули, исплатени се 420,3 милиони денари за надоместоци за породилно отсуство и 140,6 милиони денари за останати видови боледувања.
Во текот на месецот исплатите се реализирале во неколку наврати. Во периодот од 1 до 23 јули биле исплатени 111 милиони денари за породилни надоместоци и 93,5 милиони денари за останати боледувања. На 24 јули следувале дополнителни 25 милиони денари за породилно отсуство и 24 милиони денари за останатите боледувања, додека на 27 јули биле исплатени 198 милиони, односно 17,7 милиони денари. На 28 јули Фондот исплатил уште 86,3 милиони денари за породилни надоместоци и 5,4 милиони денари за останати боледувања.
Од ФЗО посочуваат дека ова е највисокиот месечен износ досега исплатен за породилни надоместоци, што, како што наведуваат, е доказ за заложбата навремено да се обезбедуваат средства за остварување на правата на осигурениците.
Воедно, Фондот уверува дека нема доцнење во исплатата на породилните надоместоци. За нив, единствен предуслов за почеток на исплатата е за првиот месец да бидат уплатени законски предвидените придонеси, а потоа исплатите продолжуваат континуирано по завршување на секој месец и по спроведување на административната постапка.
Кај останатите видови боледувања, освен обработката и одобрувањето на предметите, законски услов е и уплатата на придонесите за месецот за кој се исплаќа надоместокот. Поради тоа, во одредени случаи може да дојде до пролонгирање на исплатата.
Од Фондот нагласуваат дека остануваат посветени на ефикасна обработка на предметите и редовна исплата на надоместоците, со цел осигурениците навремено да ги остварат своите законски права.