Индиската сојузна држава Одиша се подготвува за ново силно невреме, откако властите започнаа масовна евакуација на населението од загрозените подрачја. Досега повеќе од 47.000 луѓе се преместени на безбедни локации поради приближувањето на циклонот „Акван“, кој се очекува да стигне до копното во петок, објави „Ројтерс“.
Според метеоролошките прогнози, циклонот треба да го погоди крајбрежјето на Одиша и соседната сојузна држава Андра Прадеш до петок напладне по локално време. За четврток се најавени обилни врнежи, поради што надлежните служби преземаат превентивни мерки.
Кабинетот на премиерот на Одиша го потврдил бројот на евакуирани лица. Во неколку окрузи е наредено и затворање на училиштата и центрите за предучилишна возраст, со цел да се намали ризикот за населението.
Во соседната Андра Прадеш, во моментот на изјавата за „Ројтерс“, не биле спроведени нови евакуации. Претставникот на тамошната служба за управување со катастрофи, Пракар Џаин, изјавил дека бурата ослабнала.
„Акван“ е третото силно невреме што го погодува регионот за помалку од еден месец. Претходно, циклонот „Мурасу“ предизвика евакуација на илјадници жители од крајбрежните подрачја, додека „Арнаб“, кој ја погоди областа кон крајот на октомври, однесе најмалку шест животи.
Индиските метеоролози ја споредуваат зачестеноста на овие невремиња со 1987 година, кога три циклони последователно го погодија Бенгалскиот Залив по завршувањето на монсунскиот период.