Габриела Илиевска се врати во Советот, но како граѓанка – „Не ми треба фотелја за да ве контролирам“

Невообичаена слика денеска во салата на Општина Битола. Габриела Илиевска, доскорешната претседателка на Советот и лидер на „Поинаку“, се појави на седницата за носење на Буџетот за 2026 година, но овој пат не од говорницата, туку од делот за публика.

​Иако не е дел од новиот советнички состав, Илиевска порача дека нејзината политичка борба не завршува со функцијата и дека ќе биде „сенка“ на новата власт.

Се вчитува...

​„Имам обврска кон 8.000 битолчани“

​Илиевска, која на октомвриските избори направи историски успех освојувајќи второ место со 21,80% од гласовите (околу 8.000 гласа), истакна дека не мора да биде платена функционерка за да се грижи за народните пари.

​„Ова ми го налага обврската што ја имам како некој што добил поддршка од 8.000 граѓани. Не мора некој да има политичка функција, да биде платен од граѓаните и да користи државни пари, па само тогаш да се грижи како се трошат парите… Моето присуство тука ќе биде континуирано во интерес на Битола“, изјави Илиевска.

​„Поинаку“ расте, но мнозинството ги одбива

​Независната иницијатива „Поинаку“ во овој мандат е посилна од кога било, со 4 советници (во претходните мандати имаа два, па три).

Сепак, на денешната седница нивната сила се судри со ѕидот на новото мнозинство – сите нивни предлози за дополнување на дневниот ред беа експресно отфрлени.

​Потегот на Илиевска да седне во публика се толкува како порака дека „Поинаку“ ќе врши силен притисок и од внатре (преку советниците) и од надвор (преку граѓански активизам).

Фото СДК.мк