„Дали е потребно да се случи трагедија на патниот правец Кочани-Македонска Каменица-Делчево и карпи и одрони да затрупаат некого, за да сфатиме дека сме 21 век, а не 19-ти?“, прашува во соопштението Граѓанско демократската Унија, и притоа додава:
„Повеќе од 2 години се работи на реконструкција на овој патен правец, се потрошија милионски суми за на првата зима пак да ни се случи истото, одрон на огромна карпа која за Божја среќа не потрупала некој автомобил.
Само ги молиме институциите да не ни се оправдуваат со теренот, бидејки многу наши сограѓани поминале сличен терен патувајќи низ Алпите и Пиринеите и многу други понепристапни места низ Европа и со сопствени очи имаат видено како можат да се изградат безбедно патишта, камо ли на оваа делница која е реална врска, патна артерија на целиот исток.
Да прашаме само дали институциите чуле за тунели и кога оваа делница ќе добие безбеден и нормален изглед?
Кој ќе сноси одговорност за ова? Колку пари потрошивте фрлајќи ги на ветрот? До кога ќе функционираме вака? Кога во нашава земја ќе изградиме нешто по европски и светски стандарди со цел да го користиме години на ред? Ова ли е домаќинско работење и до кога нашите сограѓани од истокот ќе се молат на Бог да стигнат живи и здрави? Кој го одобрил проектот и кој потпиша за во иднина да биде платено на изведувачот?
Апелираме до Јавното обвинителство, по допрен глас да започне предистражна постапка бидејќи е јасно дека некој не си ја завршил работата.
Почитувани сограѓани, јавни обвинители, инспектори, судии итн. , дигнете глава и спротиставете се на оваа неодговорност, нема гаранција дека утре вие или некој ваш близок нема да е во автомобилот кој ќе се движи по овој патен правец“, велат од ГДУ.
