Оџакот на Гинекологија во Чаир ќе продолжи да чади, сѐ додека властите не се договорат меѓу себе. Заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули, вели дека поради една недоследност бил поништен тендерот за гасификација на болницата.
Пред нешто повеќе од еден месец, министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека е објавен тендер за поставување гасификацона мрежа во гинеколошката болница „Мајка Тереза“. Меѓутоа постапката е стопирана, бидејќи сѐ уште нема дозвола која треба да ја издаде Министерството за животна средина и просторно планирање.
Од ресорот за животна средина ветија дека наскоро постапката повторно ќе се активира. Инаку, во Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир, годишно се раѓаат над 4 илјади бебиња. Веќе три години оџаците на болницата работат без поставени филтри, бидејќи ниту една општина не презема одговорност. Град Скопје неколкупати ја опомена болницата дека го загадува воздухот, но и покрај тоа, нејзиниот котел, кој работи на мазут ќе продолжи да испуштаат чад, сѐ до објавување на тендерска постапка за гасификација.
РЕПОРТЕРКА: АЛМЕДИНА ИСМАЈЛИ