Денеска се навршуваат шест месеци од трагедијата во дискотеката во Кочани, во која животот го загубија 62 лица, а повредени беа 203.
Меѓу повредените беше и гитаристот на групата „ДНК“, Горан Тонев, кој трагичната вечер настапуваше со бендот. Тој два месеци се лекуваше во Солун, а денеска преку Инстаграм се огласи со емотивна порака и фотографии од колегите кои ја загубија битката со животот.

„Поминаа шест месеци од ноќта која на сите ни ги промени животите… Уживавме да ја делиме сцената, насмеани и ведри, како и секој наш настап, но таа вечер имаше посебна енергија, како да чувствувавме дека е за последен пат. Не требаше да биде вака колеги мои… Засекогаш ќе ве носам во моето срце! Почивајте во мир,“ напиша Тонев.
Попладнево во Скопје е најавен мирен собир, а во Кочани ќе се одржи протест, на кој граѓаните повторно ќе побараат одговорност за трагедијата.